живурка несв.

живурка (несв.)

Под дејство на размената и сеопштото меѓудејствување, народите би престанале да живуркаат затворени во своите граници, нациите веќе не би биле одделени планети, различните идиоми веќе не би се вкочанувале во идиотизми, книжевноста би се одвоила од тлото, а делата - стапувајќи меѓусебно во понепосредно заедништво - веќе не би можеле да се класифицираат според своето потекло.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Таа, на магичен начин, ја поврзува реалистичката постапка на Јован Бошковски, авторот на првата збирка раскази на македонски јазик, со некаков си урбан „фантастичен реализам” на Веспа Демонска, на пример; или, Урошевиќевата постапка на „онеобичување” со гротескната слика на градот на Ермис Лафазановски; или, налудничавото Скопје потонато во православна хистерија од Самураи на Славко Јаневски со новиот сензибилитет и урбаниот пејзаж на Буде; или, лирски снажното стареење и изумирање на нештата од расказот на Димитар Солев со осаменичкото, отуѓено и невротично „живуркање” на студентот од Ѓон на Драги Михајловски; или, Чаршијата од предземјотресно Скопје на Данило Коцевски со денешниот Битпазар од расказите на Јадранка Владова; или, фактографското отсликување на личните спомени врзани за скопското предградие на Ташко Георгиевски со александриската или „борхесовската” постапка на ерудиција која ја негува Венко Андоновски...
„МАРГИНА бр. 34“ (1996)
По пет векови како да се креваше големиот отомански камен под кој живуркале, се бореле, опстојувале многу различни народи.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Едноставно речено: на вистината не смееме да и ги затвораме очите; јас сметам дека секоја приказна што се случила и веќе живурка треба да се здобие и со нозе.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Тоа го охрабри, или го насочи, или го поттикна, или просто го подлажа да напише еден драмски текст, од кој театарските уметници толку се изненадија што дури и се намуртија, па одвај се најде некој почетник режисер да го постави на една провинциска сцена, некогашна коњушница на некогашна касарна, што живуркаше со половина душа, одвај собирајќи премиерска публика, а не пак да собере некој денар за авторски хонорар.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Покрај брегот со високи трски и наколку колипки, патот води по кривулестата линија што ги разграничува птиците на оние што летаат над земјата и оние што летаат над водата, сѐ до првата населба во која нашле засолниште преживеаните од војната, живуркајќи повеќе од езерото одошто од земјиштето.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Скопската митрополија и нејзините области се припоија со Охридската архиепископија, а скопскиот митрополит, немајќи повеќе каде, живуркаше во скромната црква Свети Јован Претеча, некаде на крајот од градот.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Не знаеше Петре за одењето на жена му кај попот Никола и за прокудата што таа му ја токмеше, ама стравот од такво нешто никогаш сосем не исчезна: цело време тој само го туркаше надолу, му го пикаше перчето под вода, ама тој сепак одново земаше воздух и живуркаше небаре секаква ава му одговара.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Копнеејќи по парите, тој не го живееше својот живот. Тој само живуркаше под сенката на материјалноста.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
-Не реков дека не живееш убаво. Ти живуркаш, не го чувствуваш вистински животот – рече старецот. – Многумина од луѓето така го минуваат животот.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Сметам дека времето на загубените вредности Мој Императоре продолжува да живурка:
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Неподвижно од немоќта на Еразмо да оди по невидливиот пат на духовното, лежеше на едно место, приковано од Еразмовиот сомнеж во себе, без нималку верба; одвај дишеше, живуркаше полно со желба за живот во очите.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Беше готова веднаш да замине, ама прво мораше да го промени договорот и во корисник на имотот го стави името на ужалениот зет Кизо, кој остана да живурка со неа и со женичката Микица, којашто ги негуваше.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Трагајќи по зборовите кои требаше со присила да исчезнат од домашните речници, по зборовите во кои сѐ уште живуркаше минатото, по зборовите кои требаше да покажат дали минатото на некој начин минува низ сегашноста, дали е сѐ секогаш присутно?
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Верувајќи дека еден ден, макар предоцна, но секогаш нужно, ќе дојде до еден вид помирување со позитивните текови на исламската цивилизација од XX век на Балканот, по нивното радикално искоренување, како што тоа се случуваше и во Европа по вековните судири, Татко сметаше дека ориентализмите кои живуркаа и не исчезнуваат од балканските јазици, можат да бидат значајни елементи за поцелосна реконструкција за вредностите на некогашниот соживот, кој сам по себе содржел елементи на соживот, кои биле интегрално збришани во војните на XX век.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)