дува несв.
дувало ср.

дува (несв.)

Но штом ќе ја поминеме границата на Македонија, или на југ или на североисток или на север, т.е. во Грција, Бугарија, Србија, наеднаш ќе почувствуваме оти на нас дува веќе друг ветер; ќе почувствуваме дека ние таму сме само неканети гости.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Дува силен ветер, ги витка трските, носејќи го стреловито чунот по водата.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
- Со мангариве, ќе купам куќа и ќе ве пуштам да спиете сите во неа, дуваше Пенчо во стаклото.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Не му отпоздравуваше на понизното веднење на лимарот Петар, дури и не го забележуваше, а пред беспризорните ги дуваше белите образи и намуртено веднеше глава.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Јашмакот се колнеше во чеканот и калапите што го хранат; Милан куманџијата — во дувалото што го дува огнот за да се стопи среброто со кое ги посребрува павтите и скопците; Рампо чешларот — во биволските рогови од кои ги прави чешлите; Желче — во сите свои деца, макар да ја немаше уште видено мајка им; Даме кожуварот — во сите јагниња и брави, од чии кожи ги правеше кожувите, а Мамуд ковачот — во чеканот и наковалната, на кои ги шерпаше клинците и плочите за свадбарските коњи и магариња.
„Крпен Живот“ од Стале Попов (1953)
Надвор дуваше ветер. Слабата светлина од борината ставена во еден тас над огништето, одвај успеваше да ја осветли одајата некаде до половината, така што снаата ја криеше мракот.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Дедото го крева шишето, дува силно во мустаќите, се накашлува.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
И покривајќи го заспаниот дедо со својот кожув, дува презриво низ нос.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Отиде и ја донесе прачката. После дуваше во врелите дланки а во очите на неговата наведната глава светкаше бел порцелан.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Високите ѕидови околу бавчата го задржуваат надвор ветерот што постојано дува од езерото. Ништо не се помрднува.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Павле се свиткува до него. Иван ја дува свеќата.. .
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Дуваше југ. Неподносливата запарност го душеше грлото и под клепките внесуваше суво скокоткање. Во градите недостасуваше здив.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Ја гледаше сега таа зачекорена мечка како го скусува растојанието меѓу нив со некој нов скок и уште веднаш сети како од зад него се раззинува една длабока празнина, една ужасна провалија, и го влече кон себе; беше едно чувство како некој силен ветер да му дува во градите и просто го оттурнува да отстапи.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Тие увца исто онака ѝ се помрднуваа, како кога дува тивко ветре низ тревата.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
И, како што се вели за некого дека откога ќе се попари од млеко потоа дува и на маштеница, така по оваа случка и Фигаро почна да бега дури и од мувите!
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
И Зоки трчаше по собата, го дуваше балонот, пак го испушташе воздухот и пак ја врзуваше грлушката толку занесено, само за да му покаже на стрико си дека ете, тој и без неговиот подарок убаво си поминува и дека нималку не му е криво што ништо не му донел. Ако, нека види!
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
Патуваше со денови и со ноќи, а крај него дуваше ветер и патиштата го засипуваа со својот прав, и сонцето го печеше, и студот го штипеше.
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
Дува, дува низ устата како низ дупната мешина и вели: - Носам важно соопштение...
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
И попусто. Спанкото не ќе го разбуди ни Парагвај, ни Уругвај, ни Куба - дури и заедно со Мексико и Чиле да дуваат во најголема труба.
„Најголемиот континент“ од Славко Јаневски (1969)
Јајца в кавез петел чува. Девет дињи оро водат, во шупелка тиква дува и морков на тапан чука.
„Најголемиот континент“ од Славко Јаневски (1969)
Повеќе
FlexiMac
 менување на македонски глаголи
ДИГИТАЛНИ РЕСУРСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК