дервиш м.

дервиш (м.)

– Јас мислам да се направите дервиши, или калуѓери како ги викате вие, и да ги прошетате тие злогласни села, сетики ќе можете нешто да исчепкате.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Еден дервиш, предавајќи му некаква молба, го уби во неговиот кабинет.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Меѓу нив беше и најславниот скопски дервиш.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Главниот дервиш седна. Турчинот со засуканите мустаќи ја извади кутијата со тутун и му ја подаде на дервишот.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
- Рајата ја крена главата, - рече дервишот. - Не чини, не чини, ефенди! - продолжи Турчинот со засукани мустаќи.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Двесте души нѐ исплашија и нѐ нападија со еден плотун како чавките Дервиш полјакот во Бзовичко, та ќе го дочекаме Џавидпаша со две, а може и дваесет илјади души.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Трет од Јаковиот род, Никанор Набожник, самоповикан псалтик, таен учител, неграмотник во лита мантија, всушност пребојадисана дервишка антерија, со секира му исекол рака на некој Черкез, џамбаз и измамник, и избегал на планина, таму по еден Божик да го расчеречат во свадбарски занес прегладнети волци.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
И на коњоштипите ќе им пееш. Не само попски. И дервишки.“
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Слични во нишањето на дервиши, ги сведувале зборовите на молитвата на збивање, на ритмичко повторување - Иии-еее, - и никој од нив не мислел што било тогаш и што ќе се случи потоа, станувале сѐ повеќе едно сега и едно скаменување со затворено и неподвижно време во себе.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Дервишите излезени од циркускиот плакат танцуваат во истиот пустински предел, во кој раздразнетата толпа се граба за крвавата слезинка, џигер, бубрези, изгнасени од прав и мравки.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Веднаш ме облева ритмичен машки мрмор: во средината на просторијата диво танцуваат дервиши.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Дури сега забележувам дека дервишите кружат околу едно стилско канабе, на кое, во поза на Мме Рекамие, е оптегната нашминканата гимназијалка.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
И сега, кога ги следам пред овие идеолошки водичи на Атеистичкиот музеј во Скадар, тие сѐ повеќе ми личат на видените дервиши во детството, сега како вистински црвени идеолошки дервиши на новата вера кои по наредба или според болно соживување се предаваат на реторички оргии сакајќи во нивниот транс да го искоренат стариот бог од луѓето и да ги натераат да го прифатат новиот.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Никогаш не ја заборавив сликата на разиграните дервиши како занесено до транс играа и скокаа, бодејќи се на крајот со долги и тенки куки кои влегуваа од едниот, а излегуваа од другиот образ.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Тие ми прилегаат на дервишите кои ги гледав како дете од отворениот прозорец на една визба во Скопје во првите години по војната.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Христијанските манастири често служеле за заслонување и престој на дервишите, а во имаретите, добротворните кујни градени покрај џамиите, во кои се делела бесплатно храна и преноќиште, рамноправно престојувале и христијани.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
Реалистички прецизната, избрусена реченица од андриќевска провиниенција се препознава и на семантичкото ниво на Бунар во кој тематски и стилски се мешаат одгласите на Селимовиќевиот Дервиш и смрт и Андриќевата Проклета авлија.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Двајца дервиши се ѕвереа тапо; од една блиска порта излегуваше еден грдосија со голем турбан на глава и со ќурк само наметнат врз раменици.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Тој почна првин да го отпоздравува: потем погледа во небото и рече колку е убав денот: па го праша за домашните и неговото здравје: па за ова, па за она, па најпосле му влезе во писарската одаја и го праша вистина ли е тој толку близок со мутесарифот Абдула-бег како што зборува чаршијата, и не е лошо да знае и за него, му рече, дека церибашата Осман-ага му е брат од чичко, а дервишот пак Керим, сигурно чул за него, му е асли роден брат, од иста мајка и од ист татко, и тој сега живее во маалата на дервишите.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Тука беа и мудурот и мутесарифот, па дури и дервишкиот шеик Рушид-баба.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Повеќе