дарба ж.

дарба (ж.)

Таа дарба ја има само човекот.
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
Аферим, бре, кум Поцко! Бре, дарба имаат Циганите за пеење и веселба!
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
Пред силата на чистиот и непосреден македонски збор, мене не ми останува ништо друго освен да молчам и оддалеку да го проследувам самостојниот живот и дарбата на вечното самопресоздавање на зборот.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Ако воопшто постои дарба за прв допир ( прв допир и во нашата прва, и во нашата дваесетта, и во нашата педесетта година!) – дарбата го преобразува времето, ја возобновува и враќа возраста во зачеток, па како што времето не постои како некоја имагинерна и од материјата независна кондиција така и поезијата не постои надвор од времето.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Учителот Николов забележа дека имам дарба за сочинување.
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
- Се срамам, - реков и се расплакав, - му признав дека немам никаква дарба, дека ги мразам песните, романите и сите тие работи, му признав дека тоа беше час на лудило, темница, болка, и тоа себична, мала болка само за еден човек, безначајно, еден човек.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
- Се разбира, сигурно тоа, - ќе речеше благо, навивачки другарот Трифун Трифуноски, - се гледа, пред очи е работата, ама сепак вие, мило мое, изберете една дарба, најблиска до вашата душа, таа што како пролетно поточе ви жубори во жиличките, во цветните, мали жилички, таа што како благо ветре ви вее пред вашите убави, сјајни очички, и ајдете запрете го Трифун Трифуноски, тој сосема се забораваше, се гледаше: него исто така треска го тресеше, како тој да полагаше.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Ама не сум јас за крадење, си велам, немам таква дарба.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Во зачаденото жржорење меѓу наши познати брадосани парталковци, некои од нив со нож во појасот, луѓе на кои кафеаната има станала вистинска татковина за која се врзани сите нивни романтичарски прчења, очајувања или нејасни радости, Ибраим Ибраим ме обогатуваше со нешто одамнешно што секогаш, и додека се слуша и подоцна, излгледаше дека е измислено, исградено како мисловна архитектура со врелина и недостижна фантазија никната од почвата и дарбата на старите раскажувачи.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
- Нема завршено за лекар, - рече игуменот, - но има дарба и искуство... - И наследство... - рече отец Иларион.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Мојот клуч не знае да ја заклучи вратата на тајното сениште зошто нема своја дарба своја душа и потонување.
„Чекајќи го ангелот“ од Милчо Мисоски (1991)
Нешто друго беше во прашање: поседуваше дарба за создавање приказни.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
За кратко време сфатив дека и кај поетите она што тие го опејуваат не е плод на нивната мудрост, туку на некоја природна дарба или вдахновение, како што е случајот кај врачевите и пророците...“.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Бодлер доживува слична состојба и кажува: „Нотите стануваат броеви, а ако имате и малку дарба за математика, мелодијата и звучниот склад што го слушате задржувајќи ја својата сладострасна и сетилна карактеристика, се претвора во широки аритметички операции во кои броевите раѓаат броеви и чии фази и настојувања ги следите неверојатно лесно и снаодливо, токму како изведувач”.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Така тие се надеваат дека нивните особени дарби и способности можат да станат значајни за таа борба.
„МАРГИНА бр. 1“ (1994)
Тоа што ја чини пријатна специфичност Набоковата проза, е тоа што таа, не како се читаше, туку како да ја гледавме, што произлегуваше од мизансценската дарба на писателот, сега во драматуршки услови стана главно, а речта на хероите (личностите) добива изразити лексички достоинства, што е таква голема реткост.
„МАРГИНА бр. 17-18“ (1995)
Веќе во медицинското училиште открија дека има дарба за цртање...
„МАРГИНА бр. 34“ (1996)
Како што самиот сака да каже, честопати се чувствувал „како уметник без дарба”, секако не дарба на академски сликар, како што беше барано, ниту сликар - апологет на Социјализмот како што се сфаќаше во Москва.
„МАРГИНА бр. 34“ (1996)
И навистина: Луција од мене бараше да бидам циркузант не затоа што таа, туку нејзината Партија го сакаше тоа; Ина бараше од мене да бидам кловн (со видлива дарба за еквилибристика) не затоа што тоа ќе ѝ донесеше поени во циркусот, туку затоа што таа уживаше во моите глупости; се смееше како никогаш ниедна жена на светот; се смееше како што Луција, мојата Луција никогаш не се смеела, не се смее, и ниту не ќе се смее, иако според својата судбина требала да се смее, што не би можело да се рече за судбината на Ина; и јас реков: „Со задоволство, Ина. Со задоволство ќе го сторам тоа.“
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Нивната умешност и дарба и голема љубов кон езерската земја, успешно се спојуваа со умот и знаењето на Игор Лозински.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
Повеќе