дамнешен прид.

дамнешен (прид.)

Низ поглед на дамнешно време шуми мало море Изгаснува ноќта и нови пустини расцветуваат.
„Камена“ од Анте Поповски (1972)
Во една дамнешна пролет, во ист ден, на чекор два едно од друго, никнаа две јаворчиња.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Околу ... Далеку ... шуми дамнешно време Со боја на пепел и со душа на дете.
„Камена“ од Анте Поповски (1972)
И за самите нив откривањето на некое заборавено доживување, некој избледен настан, беше ново и интересно, па со денови разговорите се водеа само околу таа дамнешна, заборавена случка од младоста.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Е, тогаш да ти раскажувам, мој Бојанчо, та да ти ги доближувам пред очи сите тие планини, па да ти доближувам дамнешни дамнини, па да ти биде убаво, преубаво...
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
28. ПТИЦАТА СО КРИЛА, ЖЕНАТА СО МАЖ ЛЕТА - ој ти, мисло, ти дамнешна соломонска сенко, разгрни се, постели се, на увид биди сета - се скинало ли и во тебе тоа што е тенко...
„Куршуми низ времето“ од Љупчо Стојменски (1976)
Во сонот што го совладал дамна мирисот на заборавените полја што не постоеле што ги вика дамнешните неизречени гласови што ги нема.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Кога ќе исчезнат конкретните облици, кога ќе се случи да блесне песната во нов замаглен предел, дамнешното кога ќе се престори во некој притаен порив по нешто што не се преповторува, видливото кога ќе се преобрази во одблесок на невидливо, ете, и во тоа е смислата на поезијата.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Повторно е пред нас таа игра позната а нова што не исполнува пак со дамнешни и незнајни возбуди.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Го гледам тоа тркало на тие дамнешни сништа полето како го буди врз таа земја сува и дури се вишнее класот и брегот дури листа базјето спокој и очите ги чува.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Најмногу ме чудеше тоа што и мајка ми се смееше весело, раскажувајќи за некое дамнешно летување во Макарска со тетка Славица.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Фантазирав, затворен во собата како ембрион во плацента – магличавите слики низ кои се провлекуваше нејзината силуета, се враќаа од некој дамнешен, затворен сон.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Царот Јуан не се ни помрдна. Го гледаше Големиот Ѕид како исчезнува во оддалечените, замаглени ридови; таа величествена змија од камен што се извива долж целата земја, тој моќен ѕид што од дамнешни времиња ги штити од непријателските орди и им го осигурува мирот за неброени години.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Ќе те поведам во светот на магијата, ќе ти раскажувам приказни за грбавиот гусар и за руската кнегиња, за љубовта на прв поглед и за љубовта на која не ѝ треба поглед, за глумицата чие име веќе го споменав во две-три мои дамнешни полупесни.
„Зошто мене ваков џигер“ од Јовица Ивановски (1994)
Понекогаш со носталгија се сеќавам на една дамнешна тоталитарна година што ја поминав во Москва.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
„Да?“ Мама погледа спроти масата што ја постави како некаква прекрасна сребрена стапица, чудесна јама со сосот од печено месо во која најпосле, како побеснет ѕвер од некои дамнешни времиња, фатен во јама со катран, можеби ќе попадне нејзиниот маж и ќе биде задржан во неа за да гледа низ решетките од јадеци, засекогаш на сигурно.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Тоа била, во дамнешните времиња, таканаречена врата за послуга; беше неупадлива, тесна, одвај забележлива во сенката.
„МАРГИНА бр. 26-28“ (1996)
- Според француските научници, европската јагула при своите дамнешни патувања ја населувала исчезнатата Атлантида, во чија близина и се расплодувала.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
И видов: на средето од собата, Мозаичник некој незнаен и дамнешен, мозаик преубав сочинил од камченца ситни колку прашинки: мрежа дванаесетаголна, со конци совршени, и во средето на мрежата ново среде, второ среде: пајак црн, сонце на вселена мала и уредена, сподобие раскошно, моќно, најсилно на светот, совршено оти од утробата своја плука и раѓа совршеност; и видов; на средето од пајакот, трето среде што беше, нацртан бел крст, и точно местото каде се спојуваа краците на крстот – средето на светот, точката по која копнеел големиот Архимед, најврвната тајна на сите светови!
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Јас кај себе имам една штичка, кора од дрво кедрово, на која има запис со тие букви дамнешни.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Повеќе