градител м.

градител (м.)

По блескавите, обгорени од сонцето, запотени лица на младите градители, се сливаше пот како мали вадички по сува напукана земја.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Учители, учители драги, на небото мое ѕвезди сјајни, учители, градители мои, во спомени ќе ве носам трајни.
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Примерен другар, примерен пионер, примерен скоевец, примерен градител.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Со орел од ноќни пеперутки, мртвата божица бара опстанок во сонот – градител.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Гавранот се покри со паунови пердуви: ги опчинувал ноќе жените и им земал залог, медалчиња од времето кога селските активности ловеле контрабандисти, крадци на цемент и тули за здружниот дом; со медалите се присвојувале и секакви значки, конгресни, градителски, слетски.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Се скамениле градителите. Побелуваат од јад и погледнуваат во најстариот, знае тој дунѓер многу - ѕидал и за Арапите и за Кинезите.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
По многу години, стариот градител, веќе на патерици од пуста старост, дошол со задув кај царот.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Тие не се согласуваат да станат работничка класа и градители без нивните кози.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Беше повеќе од јасно: козарите не станаа работничка класа. Големите идеали на партијата и градителите на социјализмот беа изневерени.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Кога фантастичното ќе ме пресретне (понекогаш сум и јас посетител и моите приказни се раѓаат од доброто, взаемно воспитување долго дваесетина години) си припомнувам на засекогаш извонредниот Игоов фрагмент: „Секој знае што е едрена точка на некој кораб; точка на пресек, центар таинствен дури и за самиот градител на коработ, во кој се сретнуваат силите распрснати по целите развиени едра.“
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Секој жител на земјата е градител и бранител на бункерот.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Продолжи веселото друштво на масата да пие и да се весели, а јас овде продолжувам да го водам антисталинистичкиот бој како амбициозен балкански Дон Кихот со бункерите – ветерници и наредбодателите на нивните градители...
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Трагедијата на градителите на Беломорскиот канал во свеста на биологот Цветан Горски, додека го слушаше својот учител, значеше и трагедија за северната руска јагула, за милијардите жители на северните реки и езера, кои стануваа жртви на непредвидливото менување на нивните живеалишта.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
Читав: „До уважениот везир, славниот мушир уредувач на светот, предострожен управител на општествените работи со прониклив ум, извршител на народните работи со правилен суд, градител на темелите на господство и среќа, кој ги зацврстува столбовите на среќата и сјајот, окружен со милоста на севишниот владател, до муширот на Румелискиот ејалет, мојот везир Ахмед Мулаим-паша - севишниот бог да му го продолжи господството, и до одличниот правник меѓу наибите, наибот на Монастирската каза - да му се умножи знаењето, кога ќе стигне високиов царски знак, нека се знае: Во бовчата за џезието во Монастирската каза отсекогаш имало по 98 листови од горна категорија, 950 од средна и 162 од долна категорија, вкупно 1112 листови на џизието, што се распоредувале на рајата, населена во споменатата каза, и нивниот износ се собирал од споменатата раја по утврдена процена.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Непрекинувана од други звуци, таа песна само уште повеќе ја потенцираше големата тишина и далечната осама, чувството на носталгија, на тага, од кое, ноќум, еве, не може да се одбрани ни еден градител како мене, ни еден копач на бунар, водач на маска, дури и кога големата идеја веќе се овенчува.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Еден пријател, решението да заминам од главниот град, за да бидам таканаречен слободен уметник и градител, со добри намери и со полно срце, да им помогнам на луѓето во Маказар, местото каде што дојдов, каде што веќе сум, за работи што им требаат, а тие не можат да ги сторат, ја нарече судбоносна.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Зашто уште до вечерта дознав дека Баџата уште вчерадента го затвориле, а мене, зошто на висока функција, прво ме сомлеа низ критики и самокритики, ме исклучија од партијата, ме сменија од функцијата и поминав само со една година физичка работа како градител на одморалиштето во Отешево, во Преспа...“
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Како да сакаше да ги втаса морињата, со мислите, на патот преку реката, до бреговите на Америка, со надежта во враќањето преку потомците, пред да им го запрат патот градителите на новиот прогрес, производителите на новата енергија.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Златни бумбари наеднаш прошетуваат низ озвучениот воздух Зарем и нив ги имаат моделирано градителите на храмов Таму горе, во рајските работилници?
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Се веруваше дека Арафат не успеа да остане на висината на предизвикот што му го понуди историјата, најпрвин поради фактот што војната и мирот, револуцијата и раководењето, тешко се сообразуваат, координираат во исти личности, при што водачите на револуциите, на движењата за слобода ретко стануваат и најдобрите градители на државите!
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Повеќе
FlexiMac
 менување на македонски глаголи
ДИГИТАЛНИ РЕСУРСИ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК