глуварче ср.

глуварче (ср.)

Се чинеше како да нема никаква тежина, со која беше стапнат во таа долина: се чинеше како да ќе одлета само ако дунете малку посилно во него, како она топче од презреаното семе на глуварчето, што се раштркува на сите страни и при најмалечкиот здив на ветерот.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
МИХАЈЛО: Ние сме глуварки. Кој е тој што постојано нѐ дува?
„Диво месо“ од Горан Стефановски (1979)
Везден ја прелистував книгата на родените сѐ дури не го пронајдов и оној ред во кој се препознаваа и буквите на моето име – синџирче од глуварчиња што го плетат децата пролети.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Погледот ко глуварче ни лета кон шумата. Гледаме нагоре и трчаме.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Вртам по бараките, наѕирам, се заѕирам: секаде ми се белеат острижените глави, небаре глуварчиња.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Дури и белото кече му летна нагоре ко глуварче.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Како бумеранг фучеше над бреговите и долините и слетуваше леко како семе од глуварче.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Што се однесува до онаа, за некого радосна за други тажна игра на симпатии и на љубомора во дуќанот за сода-вода, барем на мене на почетокот ми наликуваше на обично полско глуварче случајно израснато над тесна полска патека оградена со зеленило.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Идилата, нивната љубовна идила, како да беше совршена глуварка, што се распрснала при најмал допир со надворешниот воздух.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
3. Страшило од корени од жед и од глуварки со лелек од шупливи гради на мртво стебло Ноќта ги негува тешките црни молчења во невидливите градини каде студенее летото Ниту една планина во мојот говор додека се враќам во домот на претците.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Наоколу разлетуваат глуварчиња.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Не запирај тиха реко. Остави ги глуварките.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Штом сенките некој ни ги отме Зарем нема да станеме глуварче (најпослушно дете на тишината)* што најдробен ветрец го соголува?
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Брат ми ја позеде книгата, од помеѓу нејзините страници испадна пресуваното глуварче кое во паркот едно дете ѝ го подаде на Сара низ решетките на оградата, и кое таа го имаше ставено меѓу страниците од книгата.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Глуварчето падна на нејзините гради. Повеќе не се видовме со Сара.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Секогаш кога потоа ќе се сетев на неа, помислував на она глуварче и на нејзините раце кои го поземаа свежото цвеќенце во паркот, кога низ решетките на оградата ѝ го подаде едно дете; на нејзините раце кои го кренаа пресуваното глуварче од градите кога тоа падна од меѓу песните на една книга. …
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)