гладијатор м.

гладијатор (м.)

Словените служеле кај Римјаните како робови и гладијатори, а кај тие робови и гладијатори најмногу се повторувал зборот „слав”, затоа тој збор фатил да означува, од една страна, човек што ги работи најтешките работи, т.е. роб, а бидејќи најмногу робови се земале од Словените, тогаш, од друга страна, Словените биле крстени од Римјаните со името „slavi“ коешто тие си го позајмија од нив и го преправија на СЛОВ-Е-НИ, т.е. Словени.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Траеше денови и ноќи, денови и ноќи, а некој постојано трчаше и ги прескокнуваше темелите, се препкаше и паѓаше во нив, барајќи го, како некој изгубен дел од облеката, она свое насмеано и широко место, својот чекор, постојано крвав и палците и по колениците, постојано крвав на лактовите, истоштен, со последните сили, како човек, кој еве, за малку, за една трошка, што не дошол на дофат на нешто, што одамна го гони, и кој што ги прави последните напори за да го достаса, да го прескокне, и така, постојано, сето време додека нивното градилиште се престоруваше во едно проколнато место, од кое чиниш сите сакаа што побргу да се витосаат и да се мавнат, во едно чумаво место, во една болна арена, по која што умираа, крварејќи, и лавот, и гладијаторот, кадешто им солзат очите на сите мајстори, бидејќи веќе сите добро знаеја дека она си беше отидено, дека црвениот лав на сонцето беше веќе бесповратно папсан.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Шетаат низ урнатините и водичот им покажува и објаснува: „Ова е главниот плоштад - Форум, ова се киповите на Јупитер, Јунона и Минерва; овдека се остатоците од храмот на Аполо, овде пазарот, градските бањи, а ваму крај брегот на рекава, театрите и големиот амфитеатар на кој присуствувале и по дваесет и пет илјади гледачи за да ги гледаат борбите на гладијаторите; на оваа страна имало убави куќи и вили меѓу кои се истакнувала вилата на Цицерон; по должината на оваа улица биле крчмите во кои се пиело и веселело...“
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Ова нема врска со претставите од типот на гладијаторските спектакли.
„Или“ од Александар Прокопиев (1987)
Сепак, пределот наоколу е изменет – од мајчината лева страна е правилна редица тополи, како дел од педантно уредена алеја, од десната татковата страна, се расфрлани дрвја и грмушки меѓу густата, висока трева, а во неа, полегнати без ред, испокршени фигури, обезглавени актови без екстремитети, како по битка на гладијатори.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Дупката наоколу беше опашана од толпата, а внатре Јован, како гладијатор, до половина гол, испотен и исцрпен, се бореше со страшната ѕверка - сувата и непопустлива почва.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Во завршената сцена на „Гладијатор“, римските легионери, собрани околу мртвото тело на Максимус (кој сепак успеа да одржи импресивен претсмртен говор за правата на поединецот), хорски почнуваат да ја пеат американската химна; камерата во гор-план ги фаќа поединечно нивните лица, благородни и решителни како на членовите на шампионската рагби екипа.
„Човекот со четири часовници“ од Александар Прокопиев (2003)
Во мигови на резигнација ја читал книгата на англискиот историчар Едвард Гибон (1737- 1794) Историја на падот и пропаста на Римската империја (1776) во која се говорело и за трагедијата на гладијаторските борби во картагинските арени.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
По борбите меѓу гладијаторите, другиот ден, следел масакрот на сто лавови, сто лавици, двесте леопарди и триста мечки.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Како во картагинска арена од римскиот период како да беше завршена за Хабиб Бургиба една невидлива гладијаторска борба на живот и смрт во доменот на владеењето и борба за место во историјата, во која тој не се сметаше ниту за победник, ниту за губитник.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)