галеж (м.)

Топло, татковски ме држеше чичкото на коленото, очите му светеа, раката му поминуваше нежно преку мојата коса, а гласот му се лееше како топол галеж.
„Маслинови гранчиња“ од Глигор Поповски (1999)
Помислата на Агна и на нејзиното скоро доаѓање, ме успокојуваше, Низ мене во тој момент врвеа настани и слики, слики на нежност, на подавање на рака, на галеж.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Ветрето што веднаш навасува во дворчето ја омекнува атмосферата: никој не сака внатре, туку се вадат маси и столици во галежот на ветрето.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Ја сонуваше Гита среќна што го гледа, ги чувствуваше на скочанетото тело прегратките на децата, го сонуваше мирисот на чистата постела, мирисот на целерот од супата што му ја принесуваше Гита, мирисот на нејзината кожа, нејзиниот допир, нејзините нежни галежи...
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Одозгора потпалувањето обично почнува со спотнат галеж веѓа на веѓа а одоздола, секогаш и без исклучок со нежен скокот на малото прсте на левата нога.
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
Вчера ја закопавме мајка ми и ги откопавме заедничките спомени: вареното млеко без кајмак и со многу шеќер, врелиот сутлијаш посолен со цимет, букетите црвени булки на првомајските излети, облогите на детското чело и гради кои го цицаа огнот, па предупредувањата дека во секоја вода има аждер пред да тргнеме на риба на реката или на капење во градскиот базен, нежните галежи кога од некого ќе добиевме завратница за спомен и долго сеќавање...
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
Над влезната порта венче од детски солзи му пркоси на законот на гравитацијата среде бело венче ѕвони бело ѕвонче бели коњи со распавтани бели сни и занданите имаат облик - бела ѕвезда бело насмеана со опашка од бела роза бели галежи на бела свила од првата ноќ до последната бела виделина бел садник од рози во срцето - осаменоста ја скорива љубовта гнетот го скорива гневот бело варосани ѕидови во нив светлината жртва заѕидана врела голтка запрена среде суво грло и смртта тука имала бела боја и многу сакала да гушка листиња од црвени рози.
„Ситночекорка“ од Ристо Лазаров (2012)
И се тркалаа удолу зелки, зелки, едночудо зелки - зелени зелки, оти тие и во сеќавањата не си ја менуваат бојата, се тркалаа удолу зелки, зелки, недобројни зелки - сочни зелки, оти соковите од младините никогаш не пресушуваат, се тркалаа севезден саде зелки - јужни зелки, набабрени од детски галежи и мечтаења, збрлавено итаа прудолу млади зелки, ненагодени и ненаносени.
„Ситночекорка“ од Ристо Лазаров (2012)
Одвај го дочув шепотниот абер дека само голем галеж ја отсркнува душата.
„Ситночекорка“ од Ристо Лазаров (2012)