гаждаре ср.

гаждаре (ср.)

Озгора од куќата своја, го гледаше сето село како на дланка, гледаше сѐ што се случува во него: во која куќа наутро најрано станале, во кој двор се трча да се фати кокошка за колење, кои жени, уште недорасонети се караат преку плотовите; кои луѓе не си ги користат домашните алиња, туку клечат зад копите и гаждарињата во дворот и бавчите; кој уште пред да зазори, како гробник, како волк, бега од некоја куќа и се провира низ плотовите за да не го видат кај која ороспија преспал ноќеска; на кои чардаци што се суши; која се потпалила, која се препокрива, која се довршува, кој последен излегува од кафеаната и го бара патот за дома, кој влегува и излегува од селото: за добро, за лошо.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
I Дождовите деноноќно врнеа; туриваа силно, поројно; не се знаеше што е небо, што е земја: споени беа, измешани, каша; урликаа реките, потоците, трапиштата, суводолиците; влечкаа од планините чакал, гнилеж, дрвја; се разлеваше водата низ селото ги поплавуваше дворовите, куќите, плевните, ќералите, кошарите, гаждарињата, бавчите, гумната, нивјето, трлата, елиците, стоговите, листовниците - поплавуваше сѐ; туфкаа луѓето не можејќи да излезат надвор, рикаше добитокот гладен, гракчеа кокошките бегајќи сѐ повисоко на кокошарниците и плевните за да не ги зафати водата што растеше; прегладнети удираа со клуновите по гредите и ќерамидите; кучињата пливаа низ водата влечкајќи удавени животинчиња за да се нахранат; гледаа тажно луѓето од куќите, од прозорците, гледаа во водата што растеше, во дождот што непрестајно паѓаше како да се истуриваше од некои небесни мориња; овошките во градините и дворовите стрчеа со ветките над водата како давеници што бараат помош; полесните предмети: сандаци, кошови, канти, каци и разно овошје, пливаа по водата, одеа каде што ги носеа брзаците.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)