впие св.

впие (св.)

Седејки в хаос од мислите мачни во земјата очите беше ги впила, бидејќи сонила соништа мрачни: Потпорните греди од нивната куќа се ведат, паѓаат шумно во мракот.
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Мече ја крена десната нога, лицето му се грчеше од болка и уплав: меѓу прстите му се беше впила голема набабрена пијавица.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Го впи погледот во улицата и ги виде двете сенки. Беа бесшумни и далечни.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Млак бол, распливнат во неговиот тил и некај да се впие во него како болот на осакатениот палјачо.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Сега слушај: ноќе ги отворав очите да те видам сета, да го впијам во себе целиот твој грев кој уште не постоеше.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Стрико Благоја се потпре на вратата и го впи погледот во мракот, гол и нејасен како и неговите мисли.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Нивните чекори, капки вода во мек памук, ги впи притаена тишина.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Господарот брзо се сврти. Неговиот поглед крвнички се впи во Аргир и како со клинец го пронижа. Но само за миг.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Не, таа нема да ме впие, се стврдна и самиот.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Најпосле јас сакам да мислам на своето утре.“ Брат му беше изненаден. „Секако, не си песок“, рече како да го заборавил нивниот последен разговор. „Седи.“ Седна и ја впи канцеларијата во својата свест еднаш за секогаш наслутувајќи зад студените ѕидови строги и непознати дамари.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Го гледаше како доаѓа сѐ поблиску, можеше да го гледа појасно од секогаш тоа ветерничаво суштество, во секој миг спремно да ја впие својата остра муцка во првата мрша, што ќе му се сретне на патот и да остане така, вкопан, како пијавица, како крлеж, ако сакаш скини му сѐ друго од неговото тело, ако сакаш преполови го, истури му ја сета негова утроба, само ако си му ја оставил цела онаа негова шилеста муцка.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Кога не можеше повеќе да остане притаен на својата само за една педа недофатлива височина за нивните скокови, во која неретко, само за еден кус миг, успеваа и да си ги впијат своите муцки секоја од тие отскокнати и спалавени дивинки; кога немаше повеќе сили да остане ни со затворени очи над тој ужас, тој пукна во самата средина на тоа клопче пред себе и сега веќе не успеа ни да ја додржи пушката.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Некои од нив и тука продолжуваа да си ја извиваат својата клетва, застанати на првата височинка, исправени кон ѕвездите, исто како оној под него што беше впиен со муцката во неговото лице, кон неговата миризба.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
— Навистина идат, си пробрборија јузбашијата и мудурот и ги впија очите во мракот, небарем ќе ги бројат.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
— Толе! — Му се впи уште пострасно и почна да го бакнува по образите, челото, устата и каде стигна.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Ѕидот се исушил ја впил бојата. Ова е сѐ едно. Цврст ѕид. Сликата е внатре, како и надвор. Сѐ е едно.
„Диво месо“ од Горан Стефановски (1979)
II Ти идеме со векови од дедовци од предеди пред твојот лик сонцето што го впил и славејот и бранот и навевот на снеговите.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
„Почнав од првата ѕвезда. Ја впив во зеницата, и таа, светлечки гулаб, затрепери, ги рашири крилјата, потоа се нурна кон мене. Ги заклопив очите.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
...затоа овие текстови настанати колку што е можно повеќе во процесот на сопственото ослободување од дистанцата ги чувствувам како разоткривање на мојот пат кон новата проза па ја молам почитуваната редакција да ги прифати како мој предлог во поттикнувачката дискусија што започна да се води на страниците од вашето значајно литерарно гласило... искрено свој, зошто ги сакам кроки цртежите или како да се претрча тревогата од разделбите ...сочноста на зрелиот плод впиена во белината на хотелските соби сокот од нутрината излиен попатно танц фигури во постелината во воздухот допира против вечноста летот на недопуштената цигара кон езерото жарот и водата во неподносливоста куса и жешка средба...
„Или“ од Александар Прокопиев (1987)
Најпрвин забележал дека треварот се влече безволно и тромаво под тежината на литата гуња, лапа утрена свежест со рибја уста и ги допира со криви прсти ребрата како да пребројува на нив апежи на полски пајаци-крвопијци или како да пребарува да не му се впијат в месо клобурчиња на сивозелени крлежи што останале по нагонска зајачка игра на местото на кое спиел.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Повеќе