вдолж прил.

вдолж (прил.)

Подолу најде нови крвави заплиснувања, кои почнаа да се повторуваат вдолж по целата трага на секои стотини чекори, сега беа од десната страна. Некоја нова рана.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Беа дебели, сурови праќе од бука, два, по еден од секоја страна вдолж по неговото тело.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Оторбешено седнат на дното на ровот, на сувата, прашлива црвеница, со нозете расчекорено испружени вдолж пред него, Шишман или копаше со петицата или со нокти чепкаше пред себе како некое куче што готви криење на коска.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Тоа беше икона со пукнатина вдолж и отпрвин со нејасна содржина, па ја доближи до очи и се обиде да го види светецот и светот во кој тој живеел.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
И спрснав по гробиштата вдолж и попреку да барам кај ќе ме закопуваат.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Кога Duchamp му објаснува на Cabanne дека на своите слики сакал да ја прикаже интеракцијата меѓу две движења: „најнапред идејата за движење на возот, потоа онаа за тажниот младич што се наоѓа во ходникот и кој се поместува”, и според тоа, дека „имал две паралелни движења што си соодветствуваат”, како да не се присетиме на фактот дека Einstein, 1905, пет или шест години пред ова платно, кога ја објави својата теорија за ограничена релативност, се повика, за да им биде појасен на лаиците, на сликата на „еден воз што се движи со константна брзина v и еден човек што вдолж се движи во едниот од вагоните, т.е. во насока на движењето на возот, со брзина w”.
„МАРГИНА бр. 3“ (1994)
Тука, на ова место можело да се растовара. Вдолж сите вагони се растовараа.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Меѓутоа не го завлече братчето натаму, туку вдолж вагоните, во турканицата.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Јас стоев, понекогаш сам, понекогаш заедно со инженерот, горе над машината, на горниот дел од падината, и гледав како под мене полека еден канал ја цепи вдолж планината како на две токму во нејзиниот мев.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Подоцна ќе го пушти цревото со вода во малото бавчуле вдолж десната страна на куќата, и цела ноќ ќе го остави да тече.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Цепотинката насреде планината одеше вдолж со еден мал пад.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Звуците што доаѓаат од под смогот стануваат бесмислени, но авторот сега во бучавата по слух распознава, иако не гледа, како возила се движат по Партизанска, по Орце Николов, по Илинденска и секаде вдолж и попреку покриениот град.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
„Едо“, рече еден сукус, тркалезнообразен тип, „влакното не го сечи на пол туку вдолж, го цепи на две!“
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Тоа беше една просторија како поголемка дневна соба, со пет-шест маси поставени вдолж и столовите како расфрлани по просторијата околу масите.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Наместо Тина која сѐ помалку зборуваше отворено со својата ќерка откако оваа најави дека можеби ќе го заборави Доне, се јавуваше некоја друга жена од бегалците кои се одмораа вдолж долгата барака од црвена тула, и тоа прилично гласно да можат да ја чујат и оние на најдолниот крај Арно прави мори Чано шо оди на црква, не чини ниа шо сме скарани су Господ!
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Се сеќавам, тргнав по брегот на езерото, и решив да не запирам, да одам бесцелно така вдолж и да не запирам.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Некогашниот здрав пат беше покриен од езерото, а новиот, сечен вдолж од багери, оди по мевот на сувиот рид, сув, само по некоја дива круша.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Целиот простор вдолж ритчето кон Стрежен и надолу по долината кон Црноеч, беше полно народ.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
ТОДТ-мечињата радосно маршираат по променадниот такт, вдолж авенијата што води во иднината на кадифената среќа, кон која настапуваат вредно, работно и организирано.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Жеден е, па подгледнува вдолж авионскиот коридор, очекувајќи да се врати стјуардесата со освежувачката понуда.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Повеќе