боров (прид.)

Уште од вратата ги фати чадот од борината и боровите дрва и почнаа да си ги бришат очите, небарем се сетија за сите свои блиски и далечни покојници.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Далеку во мариовските ридишта, заградено од сите страни со дабова и борова гора, на дното на некогашното езеро се распрострело мариовското централно село Витолишча.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Имено, повеќето од нив беа Мариовци од селото П’чишта кои оваа година ја откупија планината од Селим-бег од Солун за триста и седумдесет гроша – дваесет квадратни километра борова, букова и дабова гора со не помалку рудини и пасишта, за да не им клава бегот сточари Власи и Мијаци, а нивната стока да умира за вода, паша и од жештина долу крај селото.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Тие уште употребуваа борина за светло што сами ќе ја насечеа по боровите кории, тие уште носеа кошули од домашно ленено платно, тие уште јадеа домашен, црн ’ржен леб, иако цело село од поодамна се беше свртело кон готово, купечко бело брашно.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
На плеќите носеше нарамена раница од телешка кожа, во рацете дебел боров бастун — тукашно производство, дури и недокастрен, со неколку чатали.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
По примерот од Челебијата, сите чауши, почнувајќи од Ѓузепа до кир Андона беа си фатиле по една посестримка од младите мариовски невевчиња и чупи и секој секоја вечер се шеткаше со по една низ боровата гора, играше до неа на орото во неделините и ја водеше во својот стан сат два пред пајдосот за неколку бели череци месечно, некоја гривна, обетки, прстенчиња, синџирчиња и за некоја и друга натпишана надница.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Ене а златната, нѐ чека, — му одговори Толе и покажа со глава кон Сливина(Планината со густа борова гора), која ги чека сите оние што не сакаат да го ведат грбот и да ги собуваат шалварите на заповедите од Мефаила и другите властодршци.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Патот до границата е стрмен: наместа оди низ тунели од густо борово зеленило, потоа низ чисти ледини презаситени со опојни мириси од секакви билки и цвеќиња, потоа патот слегува надолу во планинските усеци низ кои шумолат планински потоци, и пак се крева нагоре по голиот планински стр од каде што се открива прекрасен видик на сиот простор наоколу.
„Прва љубов“ од Јован Стрезовски (1992)
Странците беа внимателни, со своите моќни објективи запираа покрај оддалечената борова шума.
„МАРГИНА бр. 4-5“ (1994)
Таквата машина би го сочувала секој детаљ од податоците за листовите на јасиката и боровите иглички.
„МАРГИНА бр. 29-31“ (1996)
Боровите шуми се вишеа со врвовите молејќи го небото за утеха, како да праќаа молитва за благослов на селото и новите младенци скриени во него.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Ѕидовите беа обложени со борово дрво.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Ѝ олесна. Испушти здив, се олабавува, зачекорува до боровото стебло, навалува глава и здржано дишење наслушкува. Ништо.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Тишина. Наслушкува. Високо шумат боровите гранки и сеат шушлек.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Им рекоа да чекаат, а товарените коњи и мазги ги втераа во боровата шума. Тука ги растоварија и ги вратија.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)