благослов (м.)

СТОЈАН: (Крева барде со вода, а мисли на вино). Аирлија нека е, што работевме! ЗАФИР: Не ти оди благословот со вода...
„Печалбари“ од Антон Панов (1936)
Секој почестен изговара по некој благослов).
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
Знаете, Грците се многу итар народ! Ама сето тоа се должи на благословот од деда владиката.
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
И брзо, неповрзано и нејасно ги заплетка зборовите прскајќи нѐ со ситни капки: - Сум ја чувала, и сум ја гледала, и сум ја ранела осумнаесет години, проклета да е, и сум бдеела ангелски над неа, а таа - ни благослов да побара од мене, се фатила кучката со некој пијаница, и ајде без збогум, како да нема мајка, а јас овде од грижи се сушам, не зела ништо топло со себе, може да настине, чедо мајкино, тој не ќе ја чува, пак мајка ќе побара, а јас...
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
На сповојницата се изредија сите можни и неможни благослови и на сите Митра викаше „амин“, иако во себе си повторуваше на благословот „да не е жив новиот човек“ — „до дните — од дните на пците“,на благословот „к'смет господ да му даде“ — „краста и орлови нокти да се чеше“; „голем да порасне“ — „една педа од земјата“; „мома убава да стане“; „плашило на векот да биде“; „за изгора во село да биде“ — „папакот да ѝ гори, и нејзе и на таа шо а роди“; „ергените по неа да лудуат“, Миша додаваше: „да даде господ она да полуди, та и татко, и мајка од неа да бегаат“; „да му се живи родители“ — „довечера, дај боже“ и така натака.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
— Божји благослов, бре Беле, — му одговара другар му Митре Србјаков и му го подава половината излупено јајце. — Земи, земи касни, за ногу години!
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
И Доста за цело време ги слушаше благословите и одговараше: „амин, амин, мили мајчички, мили сестрички, чул ве господ".
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Добра беше таа. Од последниот грст брашно му меси леб, го прекрсти и го натопи со солзи, потоа му го предаде со благослов.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Кружат шишињата со ракија од рака до рака, паѓаат наздравувања, благослови, едно од друго поубави, помладите поздравуваат со сегашен јазик, а старците вадат од сеќавањата некакви стари зборови, па ги везат и ги редат во долги наздравувања, ракијата во шишињата се смалува, а расположението, расте.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
- Никогаш да не се вратиш, да даде господ! не издржа доброто вујне, за добар пат, на третиот чекор ме благослови. Проклет да бидам, благослов.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Со божји благослов. Неговите дедовци донеле прекуморска проказа во Кукулино и со својата рака ја сотреле болната челад. ...
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Вечерта кога заврши, богослужбата, сите луѓе со запалени свеќи и кандила и масалчиња, тргнаа за дома носејќи го светлото од манастирот како благослов да им свети дома.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
- Само не знам дали е ова благослов, или протерување како сатаната... Ги гледаа крстовите и се ежавеа.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Но не се вратив за тоа. Неделко Шијак е болен. Не се фаќа за нас благословот на игуменијата. Навистина не сме му мили на господа.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Кога на султанот му стасале на сто златни тепсии сто востанички глави добро заштитени со сол како подарок од пашата Лобуд и како крвав абер за најновата победа на Отоманијата, калуѓерот свечено го вовел улавиот во зафрлен манастир и со благослов го преоблекол во мантија, заедно да им служат на светците, да ги окопуваат лозјата и пченките и да ги пасат козите.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
А речено е дека само јас можам да сум дарител што ќе го предаде каменот со благослов.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Жената, со топли дланки врз распупените дојки, шепоти благослов за неговото неизвесно патешествие во царството на чкрапјите, влакнестите пајаци, лукавите аждери.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Макар сѐ што се случувало дотогаш, во врска со козите во градот, добиваше благослов од Федерацијата, се случуваше овие погорни власти најчесто да спорат со самите себе.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Од двата европски модели за нацијата, Третиот свет во најголем број случаи го усвои оној полошиот и тоа со активен благослов на учените луѓе од Запад. (...) Имено, токму во моментот кога на другиот човек му се враќа неговата култура, му се одзема слободата: неговото сопствено име исчезнува во име на неговата заедница; отсега тој е само примерок, безличен претставник на еден посебен вид суштества.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
„Моето е премолчено Реков, Мојата Певна Проклетија. “ низ мене Низ мене: До болот а низ болот И потаму: До пеколот. чучулигата Не научив Да ги изговарам зборовите Тие од мене капеа Небаре крвта Од срцето На Чучулигата. најлудата песна Кој ја спотна Најлудата песна Во најлудата глава Темна Како Ноемвриска Ноќ? благослов на јадењето Јасен е плачот Песната на внатрешната убавина, Празникот кога сечам леб, Или Кога го благословувам Јадењето: Сопствената Душа. гозба Ме јаде вдахновението Внатрешниот оган, Светлината, Совршенството И Смртта.
„Вечната бесконечната“ од Михаил Ренџов (1996)
Повеќе