бедем м.

бедем (м.)

Надвор, како некој провиден, кристален бедем, сѐ уште стоеше белата ноќ.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Така стаса до оној заблескотен биљурен бедем на шумата.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Повремено излегуваше од пртта, која на места веќе се црнееше, што беше знак дека снегот брзо се топи, излегуваше на неколку чекори преку сѐ уште високите бедеми од натрупаниот снег, и ја мереше неговата дебелина.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Сонцето ќе им биде заедничка чинија плод, бедем ќе им бидеме ние, живите, а сенка тие и немаат зашто самите се светлина.
„Ненасловена“ од Анте Поповски (1988)
Сонцето лежело по нивните чела и ги прегрејувало. Едно тајно делче на свеста не ѝ се предавало на ракијата; демнело од бедемите на својата тврдина како проколнат стрелец што сепак им е заштитник на заспаните.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Го виделе како езди низ полето, со пурпурна наметка што се вее зад него, и терајќи го коњот во бесен галоп, исчезнува пред вџашените погледи на војниците од градските бедеми.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Улицата беше мирна, пуста. Таа ја мина и се најде на кејот, пред бедемот на реката, под сенката на високите тополи.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Не беше рамнодушен ни кон сведоштвата од татковите книги на Марцелинус и Прокопиј, според кои долгиот бедем на Калето, сличен на античките киклопски ѕидишта, допира уште од времето на византискиот император Јустинијан I.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
На пример, својата спахиска куќа ја обиколи со земјен бедем, од кметовите формира цела војска, која ја облече во специјални униформи, и, што е особено интересно, со домашните контактираше исклучиво со посредство на „меморандуми“ - така тој ги нарекуваше своите писмени наредби.
„МАРГИНА бр. 4-5“ (1994)
Бев пропаднал уште подлабоко во окопот... Бев заглавен до бедемот...
„МАРГИНА бр. 21“ (1995)
Се плашела да се наведне над бедемите да не би да се види во езерското синило, во небесното огледало.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Штом ќе им дадела знак на селаните од околните села дека Господ внимава на нив и на нивниот премор, штом ќе го замолела Господа да ги благослови житјето, овошките, рибите во езерото и водите езерски послани до манастирските бедеми, таа се повлекувала во својата келија, ги земала бројаниците, коленичела и молитвела, молејќи ја Пресвета Богородица да ја престори ангел, кој вечно ќе ѝ служи и ќе ѝ се поклонува: Пресвета дево, Владичице наша, Богородице, мајчице наша, мојата молба услишија, во ангел престори ме, со светлина дари ме, со чесен и небесен подари ме, Пресвета дево, мајчице наша. Алилуја. Амин.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Тврдината првин ја гледаше од долу, зашто кулите нејзини и бедемите, токму во средината на градот, стрчеа високо.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
А можеби во моментов диздар-агата дава рапорт за состојбата на бедемите? За портите?
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Траверза- препречница, која како попречен бедем се спротиставуваше на секој отпор, при тоа препречена во ходникот на животот му се спротиставуваше, истовремено потпирајќи го како негов главен р`бет, столб на кој животот се држеше.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Единствените пукнатини во високите бедеми на дистанца со која Елен Лајбовиц систематски се оградува од сите обиди за какво било вовлекување во Твојата лична или професионална приказна можат да се забележат исклучително во писмата што таа Ти ги испраќа во текот на драматичните летни месеци во 2001, кога во Македонија се води војна.
„Потрага по Елен Лејбовиц“ од Луан Старова (2008)
Патуваш по границите рани, странични на вселената – изведена смисла/свет а таму душата лебди, бдее бедеми бедни та раскошни со плимата плиска со осеката секне секавично и ведно гледаш и мижиш во длабините и самиот длаб на етерот бладање, сон на сенката светилник на помрачението блаженство во јадот страст за питие смрт и заборав за лага и заблуда за облик, опиум!
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
А потоа ги прогонувале од градот, затворајќи ги зад нив портите на бедемите.“
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Дотрчала до бедемите на мостот, ги извлекла запалените фитили и ги фрлила во реката.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Околу мене, сѐ потсетува на минато. Стари алки, часовници, бедеми... Како да се наоѓам во куќата на Робевци.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Повеќе