барака ж.

барака (ж.)

Поручекта, кога бригадирците се растурија по бараките на починок, Мече неочекувано ја забележа меѓу црниците светлокосата глава на својот другар.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Како да се беа здоговориле со Белича; тој незабележано се искраде од бараката, кај црниците го чекаше веќе Белич готов за бегство, но како одеднаш се најдоа пак таму, сред блатото, на чун?
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Отвори очи. Во бараката беше темно.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Под стреата на некоја дрвена барака, легнат среде повеќе безработни, од различни места раскриваше неискажлива тага...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Мочуриштето беше зад кулисите на животот, брате Јоване, а предвечер, со прелетувањето на пајките, отекував од комарци и се враќав во заедничката барака без огорченост.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Навистина, мислеше дека е со нив а не како кога ќе останеше сам крај дрвената барака за да го гледа без рабирање заодот и сѐ под него: невидливите џуџиња во печурките и твриде големоглави бубалки опколени како старовремски војници.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Дури есента, кога тргнуваа да си одат назад, кон дома, со сите кираџии, што ги товарија нивните алати и сѐ друго нивно од бараките, а зад себе оставаа една нова петокатница во градот, неа можеа сега да ја гледаат и да бидат задоволни од тоа каква беше бела и воздушеста, дури есента, кога го оставаа тој град, разубавен со уште едно нивно здание за векување, тој бел град некаде по белиот свет, по нив се забра и еден испокинат младич, кој по многу нешто личеше на сите деца, што се среќаваат по станиците, бос и сам, држејќи го постојано растојанието меѓу тајфата и себе толку големо за да не може да го достаса никој, кога би се пуштил назад да го фаќа.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Ги слушаа неговите стапки. Оној сврте неколку пати околу бараката, на неколку места постоја, постоја, а после влезе во вратата.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Заиде, папсан, речиси влечкајќи ги по себе своите празни раце, своите долги раце, а тие во бараките сега изнаскокаа и се сместија по своите легла, некој дури почна и да крчи, како во сон.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Прати еден од овчарите, Палилулевци, до Проќа, и нарача да му соопштат на Риза, неговиот другар во бараката, да се стави со него: има да му каже нешто. Не заборави да му нагласи на овчарот, дека тој е оној мариовец што го отепа гавазот Аќифа пред десетина и повеќе години.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Поправо да пие пред крчмата или да шеретува со жените во бараката.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Зовреа чеканите во тунелите, чеканчињата во бараката, а веќе и фабричните камења затрескаа еден во друг да го сомелат племенитиот метал заради кој во оваа пустелија беше дошле европските лакомци и ја собрале сиромаштијата од разните краишта на Македонија.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Тој ден кога Русинот дотрча радосно во бараката кај нас да ни каже дека царот руски паднал, дека има нова власт во Русија и дека ни е отворен патот за назад, Анастас веќе испушташе душа.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Слушнав од разговорите меѓу татко ми и тетка Рајна дека брзо ќе се изграделе некакви дрвени бараки, за тие, на кои сосем им се урнаа куќите.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Откако изминавме неколку улици Марина се запре пред една барака и ние со неа влеговме внатре. Баба ѝ нѐ пресретна.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Пред бараката се разделивме. Се колебав дали да ја поканам дома кај нас, но се премислив.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Тоа беа неколку бараки. Со уреден санитарен јазол.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Пандо бавно се доближува кон бараката каде што лежи болното девојче.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Кога влезе во бараката, беше посмирен.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
— Сите бараки се заклучени!
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Повеќе