калеш прид.

калеш (прид.)

Идит Грозда, прусат Грозда низ гастите треви, носит Грозда на глава си баница ил' мазник на овчари, кои пасат калешо и стадо.
„Крвава кошула“ од Рајко Жинзифов (1870)
Им соопштува на свој начин дека дошле даскалиците од Охрид и дека вечер ќе даваат претстава и кои се цените на местата, та иде и до најинтересната новина од денеска која сам си ја додава, разбирајќи дека: на некое момче од Марул му избегала невестата и запиња повеќе од секогаш: — Денеска на пат за Прилест загинала една млада, бела, калеша, убава невеста од Маруууууул!
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Лицето на Доста ѝ е белоцрнгалесто, калеша, што се вика. Ама калеша, не црна.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Навистина беше малку црнгалест, но црнгалест – калеш со најубави црти на лицето, како што можат калешите луѓе да излезат.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Младо како роса, калешо, добро развиено, стројно со потечени црни очи (очигледно од долго плачење) и натажено лице.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Почна нервозно да свири и преку познатата песна: Мори слушај, слушај, Калеш бре Анѓо, што тамбура свири, да ја праша и наговорува.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Едниот од нив беше на среден раст, со калешо лице и имаше црни засукани мустаќи.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Сите имаат калеши лица и сите личат еден на друг.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
И висок и калеш, само во насмевката се делеше.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Пелагија се стаписа на местото, се стаписа од благиот глас на жената и полека, полека, со така да се рече надчовечки напори ја заврте главата и жената влезе во нејзините очи веднаш тука зад вратничката, а со неа и целата градина и куќичката со последното сонце плиснато по белината на ѕидовите, и вратничката се отвора на внатре, насмеаната жена ја влече натаму, ѝ прави пат за да влезат во градината Дојдете, златни, да си поседиме пред мојава врата, со денови, мори златна, да не речам со години, те гледам поминуваш од тука со момичево во рацете и со некоја голема болка во лицето, одамна сакав да те поканам да ми влезиш макар во градината ако не во куќата! и Пелагија нема сили да се спротивстави, таа дозволува мекиот допир на жената да ја води по патчето сѐ до поплочената ширинка пред вратата на куќарката каде што има малечка масичка и неколку столчиња без потпирачки наместени околу масичката и веќе седи на еден од нив, а на другиот до неа малечката Пела, и уште, уловува дека тетката седнува до неа без да престане да зборува Ако си калеша и со црно во срцето, ти си убава, и не знам дали има поубава од тебе, и по лицето ти се познава дека си и добра, твојата појава зрачи добрина! и во исто време претрчува внатре низ отворената врата и мислиш дека оди натаму а таа се враќа со подавалник на кои има чинивчиња со слатко и пресна вода во стаклени чаши Добро ми дојде, златна, во куќава, ајде, касни од слатково, јас самата го имам правено, онде од зад куќи, имам две дуњи, погледни, како сонцето што свети така и тоа свети, како твојата невидлива светлина, златна, како твојата невидлива добрина, златна, а тоа што свети во исто време и боли, мила, твојата невидлива болка, касни, заблажи се, ти ја знам болката, со денови, со недели, со месеци сноваш по уличкиве и бараш брлог оти онаа коруба сега е зграда, ене ја, ги надвишува сите куќи и вие морате да се иставите од таму, е, златна на тетка, не знам зошто, ама моето срце те одбра тебе, така да знаеш, те одбра тебе и оваа топка радост и оваа жолта заштита, вие да ми бидете радост на старост!
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Па Влатко Стефановски во епизодата за буквата А свири, а Ана Костовска ја пее Ајде слушај, слушај, Калеш бре Анѓо!
„Филтер Југославија“ од Константин Петровски (2008)
Некогаш калеши, исправени, сега белоглави, потсвиткани, ќелави, згрчени, потпрени на патерица. Се поздравуваме и се прибираме во групи.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Најстариот не изустил богохулни зборови откако видел дека не е неговата калеша, а вториот гласно рекол сполај ти Господи за спасението на мојата перачка.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Пред него беше нашиот вујко Косров, огромен човек со калеша глава и со најголеми мустаќи во долината Сан Јоаким, човек толку буен по темперамент, толку раздразлив, толку невнимателен, што секого го запираше да зборува со рикање.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Но, ја запеа на микрофон „Ајде слушај, слушај, калеш бре, Анѓо“ и ги собра сите симпатии и ја побараа и на „бис“, како да е Виолета, и таа ја отпеа и „Кога си тргнав на туѓина“, а мајка ѝ се расплака, нејзе и Центар ѝ беше далеку зашто, нели, со „два реиза“ мора да оди на гости кај ќерка си.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Црна листа Нечистотија од папокот земја што излегува на Црно море Калеш Анѓа кога ти се темни пред очите.
„Најважната игра“ од Илина Јакимовска (2013)
- Фајде нема ле душо... - прекинува гласот, секнува и кој знае, се прашува ли, дали фајде нема од шеќерната калеша чупа која е неверна или од утехата што самиот си ја дава.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
И во пеењето – спомен, ја има Фанка која бери грозје лисичина и падарчето кое ја фати, а не сака бакшиш пендолира, туку сака, леле, црни очи... и калеш Донка и Калината руса коса како тељови за тамбура и лулашката на Ѓурѓовден и...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)