анџар м.

анџар (м.)

Луѓето што пристигнаа потоа - истите оние што со насмевка забиваа анџари во човечки срца - стукнаа уплашени и збунети.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Рече: - Сигурно, тоа ќе биде најправедната казна. Како можеш со тоа анџариште да го бодеш, проклетнику ниеден!
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Довлечка и студ и ги закова браздите и реките со дебел мраз; по стреите небесни мразулци како сабји и анџари.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Непознатиот со татарски или монголски или черкески очи, ноздри, усни, гологлав и испотен, застанал и ги подвиткал топчестите раменици, го испуштил анџарот од левата рака и подавајќи ги двата прста на десната, показалецот и палецот, ги преплашил најблиските како да е невидено животно со црни или отровни рогови.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Ашколсун, ги подал кон арамиите рацете да му ги целиваат, ги облекол во арапски антерии и им дал анџари и наџаци да се бранат патем, при враќањето, од човек и од ѕвер.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Таму, меѓу басмари, аџии, скитници, додека од преголем котел некој анџија ќе сипува во чанаци преварен грав со козји дробенки или бел пилав од кочански ориз, ни оние неколцина Турци што ќе се нашле на своја софра и со свое оружје, од анџар до кременка, не ќе им биле туѓи и страшни; плиснати со оган и загреани од скомињава ракија со која се пее и се плаче, тие ќе се разграштеле, ќе се погледнале со сочувство и машко охрабрување и ќе пресметале што уште им останало во торбите и дисагите и колку имаат на колите сено за добитокот.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
И тој и селото и ридиштата наоколу биле фатени во обрач на мрак зад чија граница можел тогаш да се стеснува нов обрач на онбашии, заптии, јузбаши, чауши, кајмаками, мулазими, кадии и секакви одбрани стрелци и мислители на царството, повеќето со измеќари, соколари или ќати, но сите со кубури, со долги или краткоклуни пушки, со јатагани, анџари, џилити и наџаци на чие железо со златни или со сребрени нишки е запишана муслиманската покорност пред пророкот.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Патем корнеа колје, претрчуваа до дома да земат кој вила кој пушка, жените ги грабнаа анџарите од готварниците, децата се наоружаа со бодежи.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Оној сејмен што се поти, зарем и тој не е сличен роб што мора да мавта со кубурата и со анџарот, и така стокмен да заплашува сѐ живо?
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Па, и потоа преташе, крвта негова, ама јас, штом ќе претнеше тој, веднаш во таа дупката што му ја имав отворено со анџарот во гушата ќе му натурев горешта вода.
„Човекот во сина облека“ од Мето Јовановски (2011)
Потем, за да не се случи некако да стане, го грабнав анџарот и му го збрцав во гушата.
„Човекот во сина облека“ од Мето Јовановски (2011)
Најмногу има арапски зборови кои означуваат разни звања, професии и титули, како на пример: валија, везир, кадија, кајмакам, калфа, муфтиш, султан и други, или термини во врска со војската и воената опрема како: анџар, арач, аскер, забит, низам, талим или пак во врска со исламот: алах, аџија, вакаф, ездан, еџел, имам, еџел, ислам, куран, курбан, минаре, муфтија, муезин, оџа, рамазан, теќе, тулбе, џамија, џемаат шеријат.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)