рог м.

рог (м.)

Јашмакот се колнеше во чеканот и калапите што го хранат; Милан куманџијата — во дувалото што го дува огнот за да се стопи среброто со кое ги посребрува павтите и скопците; Рампо чешларот — во биволските рогови од кои ги прави чешлите; Желче — во сите свои деца, макар да ја немаше уште видено мајка им; Даме кожуварот — во сите јагниња и брави, од чии кожи ги правеше кожувите, а Мамуд ковачот — во чеканот и наковалната, на кои ги шерпаше клинците и плочите за свадбарските коњи и магариња.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Во одајата стана мрачно како во рог, а ветерот како палаво дете што згрешило, чиниш сфатил што сторил, стивна.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Кабаницата со биковска врелина и готовност да распарчи секаков отпор под копита, да распне сѐ на рогови, да се забуца до врелина во врелина, ѝ пријде несфатливо брзо и ја прегрна.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Смешен сум. Ноќта е црн бик и има чапунки и седум рогови.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Би можел ли да ги оставам своите три маслинки под самите нив, како елелнот што ги остава своите износени рогови под шумски стебла?
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Сфати ме еднаш, сега, кога молиш: во мене се пропина млад бик и ме черечи со рогови, ме разбива со копита, и јас треба да сум вешт за да го совладам.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Машките пак, притиснати до иконостасот, ги чекаа напаѓачите полни со сила да се удрат и да ја одбијат мечката, но ниту напаѓачот беше мечка, ниту нападнатите беа бикови за да можат со острите рогови да ја убодат.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Не брзаше да надене некого на рогови без да го пресмета тоа со сила на најголем разум на светот.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Овен, мислеше. Обичен овен, запиша во својата свест. Зарад роговите и густиот џбун над чело.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Му намигнуваа на Отец Симеон и се кривеа а тој ги ширеше очите да сфати и да впие нешто битно во себе, нешто што ќе ја измени таа вечер во чудо невидено: „Не наденувај се на туѓи рогови“, му рекоа браќата на тој што дојде.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Таму е ресторанот Златен рог. Скоро истиот е, само малку е потемнета бојата на рамката.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Не заради себе, воопшто не заради своите ноќи, заради него и заради неговите огромни рачишта, да не почне да ги враќа пак камењата онаму, каде што мирувале отсекогаш, да неби да му удри во рогот и нешто такво.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Сега беше тврдо и роговите се скршени и веќе немаме за што да се гризиме.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
- Да. Така е, господин управниче, - додаде Ѓорче. - Секоја коза за свој рог.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Се вртиме околу него и гледаме: едното крило е здробено и расфрлено наоколу: опашот е преполовен и искривен како рог; предницата личи на железно буре без капак и изрешетено како решето; од внатрешната страна, над седиштето, кое сѐ уште мирисаше на запалени кожи и гума, светкаа неколку искршени тркалца од стакло и се гледаа стрелки на некакви часовници ...
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
- Јас сум како бивол без рогови...
„Сенката на Карамба Барамба“ од Славко Јаневски (1967)
- Но знам дека сум како бивол без рогови, папагал без крилја, слон без сурла.
„Сенката на Карамба Барамба“ од Славко Јаневски (1967)
На тој цртеж, на тој цртеж, рог од триног зајак 'ртел.
„Најголемиот континент“ од Славко Јаневски (1969)
Тој ѕидот за миг го минува и на прсти - на месечината рог ѝ скинува.
„Најголемиот континент“ од Славко Јаневски (1969)
Првите денови, додека снегот сѐ уште, иако со тешкотија, можеше да се гази, понекое говедо, особено црниот, силен јунец, го растуркуваше снегот со убавите рогови и излегуваше од пртината што ја беше пробил Бојан.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Повеќе