распнување ср.

распнување (ср.)

И го видов во моето видение и него: мал, расклештен, со опашка грозна, влакнест како пајак, во центарот на малата апсида: отстранет, прогонет од небото, од таванот на одајата мрачна, но сепак тука, блиску, како да чека да се врати, како да е привремено тргнат на страна; прогонет од големото, тој чекаше како пајак влакнест во своето мало небо, оти небото на две беше поделено, на големо и мало; си чекаше таму, сам во својата вселена, со тие негови вжарени очи на гревот, страста и блудот; и во тие вжарени очи јас ја видов, во откровението мое, сета историја на светот, вековите со страдања, казни, измачувања, распнувања, убиства и кражби, блудничења и невери, потоци крв и солзи видов поради страсти јавно искажани, поради создавање вселени мали, поради ловот на малите и неспособните во мрежите на големите, силните и отровните; и видов дека и Филозофот гледа, и дека мисли исто што и јас, и дека се обидува да се сети како гласеше последната реченица со која завршуваа претсмртните ливчиња на отец Мида, па се разбравме со поглед и јас реков:
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Ги раскрили двете врати од задниот дел на карванот и почна да го товари багажникот неисчистен откако го беше купил како половен: ногалките од школската табла, топот платно, летвите за распнување на парчињата платно во различни формати, рачна пила, чекан за ковање прави и клешта за вадење криви клинци, полни кантички со нови бои, врзоп четки во сите должини и дебелини, пачка шпахли, самоделска палета од шперплоча во облик на енормно зрно грав, шише со терпентин и шише со растрворувач, а на крајот и куп крпи за бришење на маслосани раце и по некој мрсул солза.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Тие се уверуваа еден со друг, но секој со различни аргументи, дека само во јазикот се чуваат сведоштвата за сите човекови делби, распнувања, големи селидби, трагизам, човековата историја.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)