преоблече св.

преоблече (св.)

- Така си се преоблекол што не можев да те познаам.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
Тоа беше Горјан, преоблечен во селска облека.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
Веќе од поодамна чувствуваше потреба и да се преоблече, зашто откако беше дојден сè во иста преоблека беше, секогаш цел, облечен легнуваше и стануваше.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Толевите двесте и педесет, и уште толку собрани од цело Мариово, му ги теслимија една вечер на секретарот на Толета — Шаќира и овој се преоблече во мариовски алишта и, со пушката под сакма, со пазарџиите отиде во Прилеп.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Откако ја нахранив и преоблеков во чисто Ели ја пуштив да игра во дворот.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Пјештани тонеше во магла и така, во вакви дни, вели Вангел Поповски, ракводител на Бетон на градилиштето на Купелни Остров, градот се преоблекува во поинакво руво, различно од тоа кога грее сонце и кога нема магла.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Над главите од луѓето сонцето грееше преоблечено и чисто и ништо не можеше да го извалка во допирот со земјата.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Така неискапена, непроменета, непреоблечена. Ја покривам со земјата и се чудам: кај отиде огнот нејзин, како остина толку. Ја закопувам Капинка, а се молам Ѕвездан да причека, да не умира денеска.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Кога на султанот му стасале на сто златни тепсии сто востанички глави добро заштитени со сол како подарок од пашата Лобуд и како крвав абер за најновата победа на Отоманијата, калуѓерот свечено го вовел улавиот во зафрлен манастир и со благослов го преоблекол во мантија, заедно да им служат на светците, да ги окопуваат лозјата и пченките и да ги пасат козите.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Умееше да пее старински црковни песни и личеше на преоблечен патрик дојденец, по лик не господов слуга туку манастирски господ.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Така и сторив: се измив, се преоблеков, а валканите панталони и маицата ги скрив во купатилото, мама да не се исплаши, кога ќе дојде дома.
„Клучарчиња“ од Бистрица Миркуловска (1992)
Марија почна сама да се мие, да се чешла, да се преоблекува. Сама да јаде.
„Омраза - длабоко“ од Драгица Најческа (1998)
Откако се преоблеков, се симнавме долу во салата.
„Три жени во три слики“ од Ленче Милошевска (2000)
Таа треба да му однесе облека да се преоблече зашто тој не може да излезе горе на рудината над езерото во работничката облека во која е облечен, целата замастена.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Но уште истиот час констатира дека згрешил што се легитимирал и како новинар, зашто командирот веднаш се закопчува и официјално ги изнесува само сувите податоци: дека односната личност, односно неговиот син, е најден обесен во неговиот стан, преоблечен во женска облека, напудрен и нашминкан во лицето, со курвинска перика на главата, што укажува според тие показатели дека бил „дивадејка” (тетовски дијалектизам за педер) и дека веќе е пренесен во Судска медицина на вештачење, а кога ќе дојдат резултатите оттаму еден Господ знае.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
На некого му расцветал лактот, на некого панталоните, некој е целиот засален, а општиот наш парталав изглед покажуваше дека пред интернатската управа стои за решавање еден комплексен проблем на преоблекување и преобување, во кој моите чевли се вклучуваат само како ситна подробност, а тоа, се разбира, како и секогаш во такви случаи, ја усложнуваше работата.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Им кажав на чуварите дека брат ми мора да се преоблече, и тие нѐ пуштија внатре.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Јас претпоставив дека брат ми се преоблекол и се свртев: тој веќе беше во своето одело.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
„Ајде,“ му реков, „ајде да се преоблечеш,“ и го поведов кон самиот влез во зградата на болницата.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Жената која лежеше на креветот до нејзиниот, модра како џигер и со одвај триесетина килограми сѐ уште лелекаше и офкаше од болки, а мајка ми која не ми ни дозволи да ѝ помогнам да се преоблече дента кога ја донесов, лежеше мртва.
„Ласа“ од Наташа Димитриевска Кривошеев (2011)