перка ж.

перка (ж.)

Се изви по прашниот пат надолу нејзината колона, песна се огласи по полето и долго низ зелените перки на пченките светкаа белите шамии на бригадирките, а високо на синото небо се оцртуваа лопати и копачи. Малиот водоносец остана сам на празната полјанка пред логорот.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Железниот труп на градската прскалка лазеше бавно како црна џиновска бубачка и влечеше по себе шушкави перки вода.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Каква болка може да носи рибата под студените перки. „Момче“, суво воздивна без љубопитност мерејќи ги неговите широки раменици. „Читајте ги Давидовите псалми и не додевајте ми веќе.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Перките се кострешеа, невидливата опашка се готвеше за удар.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Па сепак, умртвени, најмогу се грди перките за пливање што немаат идеја.
„Куршуми низ времето“ од Љупчо Стојменски (1976)
Нови јата риби надоаѓаа и пласкаа во плитката вода крај брегот, прпелкаа како фатени во мрежа: се пикааа во трските, во шеварот, во водните растенија и испуштаа чудни шумови и клобурци над водата; шумеше водата како подземни извори да се креваат; пиштеа галебите и сите езерски птици кружејќи и налетувајќи на рибите; трчаа луѓето, довлечкуваа кошници, сепетки, кошови, вреќи, и ги полнеа со риби; довлечкуваа и магариња, коњи, ги товареа со риби, се грабаа меѓу себе, се караа, се пикаа во езерото, заграбуваа поголеми и попресни риби; ги соблекуваа кошулите, панталоните и со нив фаќаа за да не им се лизгаат рибите од раце; се крвавеа во прстите од нивните перки, од нивните крлушки, удираа по нив со ости, со вили, со виљушки врзани на стап за да ги скротат и да не им бегаат од раце; се мешаше водата со крвта од рибите и од рацете на луѓето.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Додека го посматраш бавното движење на перките на ветерниците кои личат на авионски пропелери, веднаш помислуваш на Сервантесовиот Дон Кихот, на Санчо Панса и на Дулчинеа...
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Го врзав, оздола, за една перка од колцето. Кај што истекува водата.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Уште се кострешам кога ќе ми текне за детето, фрлено под воденичниот цивун, кај што удира водата на замаецот за да го исечат перките, да му го иструпат телото, да не се знае кој го носел дотогаш.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Инаку зошто станал костреш без силни и игличести перки тој светец на опакоста и кобата што пуштал крв од туѓи жили, што колел туѓи волиња, што ловел малоумници за да бидат обесени?
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Поточно тоа не беа ни врани ни пропаски: птиците имаа црвени шии и грпки со кострешки перки.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Жената, меѓутоа, клекнува пред еден трупец, ако не за колење петли барем за цепење дрва, па прво со ножот ја распорува кратко по мевот и ја чисти од сиромашната внатрешност, па потоа со рендето ѝ ги струже перките што летаат наоколу како искри од белутрак. Така, една по друга, сите рипки како изглодани кочанки пченка, сега мирни под мишка.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
А кострешот го викаат перкија, веројатно заради перките остри како кучешки заби.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
- Па пропржи урда со дробени перки од кромитчето.  - Ама лебот е бајат.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Уште повеќе, тој се поткрена на перките и испушти мек рик.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Ќе се фрлиш за прв пат главечки, ќе пливаш само за себе butterfly, ќе плуташ, ќе нуркаш оддалеченоста од брегот ќе ја одмеруваш по пробивот на сонцето, ако го има по работата на срцето по подноктиците перките и алгите по трагите од морските пци ќе ја унапредуваш техниката отскок на површината во последен миг неверна кон сѐ кон животот посебно: ќе палиш огин и ќе голташ жар и пепел во ждрелата на оние кои во тебе гледаат неидентифициран плод, увод во гревот зашто другите, одбраните, некаде далеку ѕемнат во истите ноќи, подоткриени јазикот го вадат од мрзеливи легални усни и скришум ги бришат своите благоглаголливи:
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Музиката стивнува нозете ни се веќе перки и негови сме. Му припаѓаме на езерото.
„Омајнина“ од Афродита Николова (2010)
Син шевролет со кремаст цврст покрив, со бели гуми од страните, со кадилачки раткапни и со вообичаени „кадилачки перки“ , нишајќи се влезе низ една од рампите и застана каде што работеше Бил Девит.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Има ли таков ветар кој ќе ги придвижи перките на мојата ветерница.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)