остари св.

остари (св.)

Со други зборови: комитетот ми дава возможност за една година да се извинувам за неисполнувањето на реформите а после не ќе ги воведам, зашто тие ќе остарат.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Таа сакаше да остане крај Крстана, макар да се мачи како роб, сосема да пресвисне, само да не ѝ дојде тој срам - дека мажот ја оставил затоа што остарела пред време.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Како е? Се држи ли? Или е остарен?
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Косата и да му побелува, срцето не може да му остари, си мислам.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
- И јас не го познав,вели Јон, остарело, се искубало, вели.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Не верувам дека човек на безден, на безгодина може да остари, да си ја мени свеќата.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Во Потковицата сѐ уште се немаше случено, но за слични злодела денизден пристигаа вести од околните села: Турците грабеа моми и невести и ги носеа на чифлизите; таму ги турчеа и се женеа со нив или сѐ до старост ги чуваа во харемите, а кога ќе остареа, огрубени и обесчестени, ги падеа.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Така е, Тој не ќе ги остави да ми го ископаат срцево и да му го пратат како подарок на некој дамкав и 'рскавичен реонски секретар што остарел предвреме од алчност додека му грабал и ништо не му давал на животот.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Водици, Пречиста, Божиќ... И одново таа исповед: ми летнаа годините; остаревме... Господи!
„Ненасловена“ од Анте Поповски (1988)
Може овдека ќе остариме.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
— Си остарела ко желка, вели, а уште ги криеш годините.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
- А, кога ќе остари, ќе види тој, нема да му помагам, нека се мачи сам со бастун во раката.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Како да бил бессилен да ги ослободи жилите и месото од грч и со матни очи барал капка роса скриена од сонцето под лански лист, да ги допре усните и да го убие огнот на пониженоста и мислел - бил млад, остарел, се намалил, премал ќе се удави во таква капка.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Чувствува, нема да остари. Го замислува своето плотно, бело тело без брчки, без кал, без шевови.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Во Пансионот на видно место стоеја и Правилата за однесување со кучињата во кои пишуваше: „На секое куче треба да му се почитува правото на природен живот; не смее да се злоставува и да му се нанесуваат физички и психички болки; секое куче има право на заштита и нега; треба да се сака такво какво што е, зашто тоа не е во состојба да бира сопственик, а сопственикот го бира него; ако не чини, треба да му се помогне да се поправи, а не да стане жртва на лошото однесување и изживување; не треба нетрпение и брзање веднаш да се научи на сѐ, ами треба да му се даде време да сфати што се бара од него; не треба без причина да се разлутува или казнува, зашто и тоа може да изненади, да врати; првиот удар тоа го простува, зашто мисли дека е случајно удрено, по грешка, но ако по втор пат го удриш, сфаќа дека е намерно и тогаш ударот ти го враќа со уште поголема мера и те замразува со сета своја душа; тоа најчесто е само и нема никого освен тебе: разговарај почесто со него и самиот ќе се изненадиш како те разбра; љубовта со љубов ти ја враќа; и тоа, како и човекот, има своја судбина: не придонесувај да му е тешка; ако остари, ослепи или оглуви, ако стане неподвижно и остане без заби помисли дека тоа може и тебе да ти се случи, зашто староста е иста за сите; не однесувај се кон него како кон некој обичен предмет, зашто кога ќе го изгубиш, ќе видиш колку е жално; испрати го на неговиот последен пат и размисли дека секоја смрт, било таа и на животно, е загуба за сите: еден живот помалку на земјата”.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Како низ лут чад што штипе во очите, пред поткосените коленици му се прелеваа една во друга некои сцени препознатливи, а далечни: замрсено клопче од отуѓени луѓе со забавени движења што плетка нешто во безгласна кавга каде да се легне мртовецот - дали да остане на троседот или да се испружи на масичето со висната глава и подвиткани колена додека да дојде нарачаниот ковчег; помалиот син, Гоце, кого не можат да го одвојат од постариот и кој не само што му ја стиска туку и му ја тресе раката, постојано повторувајќи „бате, бате” во пуста надеж дека некако ќе го разбуди; жена му, не помирена ами умртвена од смирувачките средства, веќе забрадена во црна шамија, одеднаш остарена, преполовена и смалена, стопена како грутка снеговна на дланка, со прачки од раце во празниот скут; свеќата што гори над дамкосаното чело на Нако, што станува восочно до проѕирност; миризбата од козметиката на снаата, нешто меѓу темјан и колофониум; мувла од пештерска црква, а сè во мансарда од новоградба; испиени лица на светци од икони а само смртни грешници со подуени модрини под очите.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Кога ќе остарат, последните мигови од својот живот сакаат да ги поминат близу родната им грутка.
„Тибам штркот“ од Зоран Спасов Sоф (2008)
Не го измислив јас ова, туку во религијата која, според мене, највеќе ги почитува жените и секој маж има обврска да ја облекува и кити со злато секоја, бидејќи може да има повеќе, треба да ја опслужува неа и нејзиното тело додека не остари.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
FlexiMac
 менување на македонски глаголи