огон м.

огон (м.)

Слегол од амбарче Силјан долу и тргнал за дома да си влезе, чунки рано било и малку времето расипано со дожд и лапавица, била уште баба Марта, та домашните си седеле крај огон и си се грееле.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
Третата ноќ преспа крај нивниот огон. Виде дека никој не мисли да го гони, но ни таа вечер, ни утредента, никој не проговори ни збор со него.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
По тоа небо, како јадри, развиорени искри, како сега полетани искри од некој развален огон некаде зад источните планини, бели и јасни речиси пред неговиот поглед се растегнуваа утринските ѕвезди.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Она пладне, кога војната беше оттатнета, а нејзините сенки сѐ уште стоеја во изгорените куќи на нивното село, и во разурнатите мостови, и во разодградените плотишта, а по селските сокаци се тркалаа празните картонски кутии од УНРРА, и селаните се облекуваа во половните американски карирани виндјакни со неминовната црвена шарка, и кога двете селски бакалници беа прекрстени во Кооперативни сектори, а секој нивни ден се завршуваше со по една фронтовска конференција, на која тие по двајца-тројца продолжуваа да се запишуваат во Задругата; она попладне, во кое исто така мнозина, продолжувајќи да немаат доверба, а и Змејко беше меѓу нив, обично молчеа, за сето време, сите тие денови, и додека се меткаа по цел ден по средселото, а и вечерта на конференциите, а дури после си се разотидуваа кон дома; она попладне, кога ќе им станеше чудно ако речеше некој дека оваа вечер нема да има конференција, толку чудно и толку пусто, што дури и самите би ја закажале неа, она додека исчекува задружниот курир - поранешениот пандур, - пак да притропа со барабанчето по сите мегдање од селото и се чудеа што уште го нема; во таа тишина, во која стоеја зачмаени на средсело сите мажи, а меѓу нив само ретко ќе пробечеше некој глас, кој можеше да бара или огон, или тутун, кој ниеднаш не кажуваше ништо повеќе: тоа пладне, во кое подоцна се насобираа сите крај една лимузина и еден џип што пристигааа од градот, носејќи уште една од сите оние делегации, што доаѓаа на конференциите и постојано им го зборуваа сѐ тоа пак тоа, сега од колите излегуваа луѓето и се поздравуваа со селаните со онаа неприфатена, одгатната фронтовска желба за приближување и Змејко уште на прв поглед го препозна онојго.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
И враќањето беше тешко; ја минав цела Русија, цела Романија, додека стигнав овде; ме фаќаа сите болести што војните ги оставиле: тифус, маларија, грип; некои ги прележував по пат, а некои по болниците; паѓав во трески, во огнови, во несвест, но се храбрев, си давав кураж да истраам, да се вратам жив...
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Запалиле огнови и се собрале околу нивното крцкаво и шушкаво потрепетување.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Дрвото Станува огон А јас? Јас Согорувам.
„Вечната бесконечната“ од Михаил Ренџов (1996)
Ѕвезда навлезе во маглата и небаре се завиткува во ладникави превези да си го разлади таговниот огон во неа разгорен.
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)
Кога Огне го мина превалецот, во Ѕвезда пламна толку силен огон - небаре миговно ќе ја изгори.
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)
Па знаеш, во нашиот двор немаше огон - и време им дошло на митровденчињата да цутат.
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)