замелушен прид.

замелушен (прид.)

По мирната видна поврнина, извртени на грб, се белееја многу риби, замелушени од експлозијата. – Гледаш ли? – гордо рече Беличот, кога почнаа да ги берат рибите.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Замелушен од тешкиот, сега јасен жиг на настанот, од планинската самотија, од неизвесноста, се чувствуваше како ненужно црно стебло на нечиј пат.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
а возот само си пуфка, си штрака на шините, и од тоа не се слуша многу нашето викање, грми, не чувме и кога грмнало небото и туку - удри еден дожд на вагонот, штрака, така, така, така, како да работи машина за шиење, ако си чул, ама кај ќе чуеш, кај нас се шие на рака, колва озгора дождот, и почна да претечува од тоа отворчето одозгора, почна да капе, да навева и ние се креваме замелушени, ги креваме главите, зинуваме со устите и чекаме водата да ни капе на јазикот, се поттурнуваме така подзинати нагоре, ко штркови во седело, а дождот си шие одозгора, си колва и нѐ понакрева, нѐ наживнува, ама после не се легнува во сламата, сламата се раскваси и сите болви наскокаа на нас, ни се пикаат под пазуви, под гуша, под ногавици, и боцкаат, дупат, ти ја пијат крвта, тоа што останало од крвта, колку едно песочно браздиче, и така паткаме, два дена и две ноќи паткаме, а може помалку, не знам...
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Гледам замелушено, замаено и во ушите ми црцори нешто ко штурец.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Се колнев дека ќе издржам, дека ќе го дочекам денот кога ќе доаѓаат во замелушена глутница да бараат покајнички и со муцки на уловени јазовци прошка. Од него. И од мене.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
- Кога нешто ќе почнеш, доврши го, засипнато рекол Онисифор Мечкојад; веќе бил без омраза кон својот вујко, кон неговиот облик на замелушен гуштер, кон неговото олцкање и тресење.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
И Онисифор Мечкојад му помогнал на замелушеното животно докрај да легне на една страна.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Долго не можев да заспијам, замелушен од рајот глетки од праисторијата, во кои бронтопсот, пробивајќи се низ џунглата од џиновски папрати, во скржавата светлина на праисториското утро, без престанок ждере плодови, инсекти, јајца, корки леб, кобасици, и некои растревожени човечиња што безглаво упаѓаа во неговата расчепена, лигава челуст...
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Прилично замелушен, ѝ дозволи да ми го слече палтото, а таа веќе вади црн креон од чантата: - Вака ќе изгледаш позагадочно – ми ги продолжува веѓите, избелува образите, ми ја чешла косата зад уши: - До-бро! Сега, создавај атмосфера.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Од тоа ја обзеде една замелушеност што ѝ ја помати сликата на сето она што се случуваше додека цврсто не заспа: колку и како не се знае, ама Чана ја раздели топлата чорба од петелот со по малку мевце во неа речиси на сите, ја туруваше во саани, во чинии, во месингани чапчиња, во мисури, никој не ја одби нејзината понуда, дури ни Геле Колишев, деверот на Богородица, ни таа, а нејзините синови ја пиеја како да е чај во големи звучни голтки, колку што се сеќава излезе и надвор во темницата, долу во подрумите и ги стоплила момите на Роса со што таа вратила како благодарност голем грст шеќер во коцки за внучињата на Петра, покрај нив, долу открила и други видеуца од свеќи, и ним им дала иако ѝ велеле дека тие се тука од одамна и дека сѐ имаат, дека не се гладни, дека не се мокри, само понадата на Чана никој немал срце да ја одбие.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Уште лежам замелушен, несреќен, со единствена насоченост како да исчезнам, како да ме нема оваков каков што сум сега. А, ме има.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Мислам дека бев замелушен.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
До колената сум замелушен.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Му велеа дека нему и на сите околу него и подалеку, животот ќе му биде замеден, а тој замелушен сал слушаше и замласкуваше со празна уста.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)