асфалт (м.)

Речиси со пирејска жилавост никнуваа од пукнатините на усвитениот асфалт.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Еднаш кога Билјана ја фрли високо, превисоко, топката удри на асфалтот, но толку силно отскокна та се најде зад оградата, во дворот на новото дете.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Одеднаш почувствував дека паѓам, дека цел се простирам преку улицата, а доматите, компирите и крушите што ги носев во една кошница, се разлазија по асфалтот!
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Низ асфалтот на опустениот Град прелетуваа само рамномерните блесоци на светлечките реклами.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Пелистер е чиста планина, таму нема прашина и асфалт, па да се извалкам.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Заскитаната желка ползи по асфалтот. Праисториското животинче, што ги минало мочурливите сништа, пајажините, менливите гробници, неминовно го пречекува смртоносниот метал на четири тркала.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Погледна кон небото што се темнееше од бурата. Погледна во брзата река. Го почувствува асфалтот под чевлите.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Асфалтот е длабок. Месечината поспана. Животот краток.
„МАРГИНА бр. 19-20“ (1995)
Брат ми зборуваше и тоа сѐ наврекнато уште десетина минути можеби, навистина не знам точно да ви кажам, оти баш за тоа време воопшто не бев при себе, како некој друг да стоеше место мене заглавен во незгодата и асфалтот но, кога малку дојдов на себе, во мислите ми се заврти филмот за овој човек овде што ми викаше, и мислам, почнав да размислувам.
„МАРГИНА бр. 29-31“ (1996)
Поодев уште педесетина минути и излегов кај ширинката пред Фискултурниот дом којшто имаше две вртелешки а на стожерот од едната, еден врзан пес беспризорно се мочаше по асфалтот.
„МАРГИНА бр. 29-31“ (1996)
Фасадите потпукнуваат почесна стрелба, ги шират своите цврсти ѕидови... минуваат купишта луѓе, креатури од далечните ѕвезди, виолетови каскади... продираат во ѕидовите, заканувајќи се тонат во асфалтот.
„Маргина бр. 36“ (1997)
Боге му свирна да се тргне од патот, но јарецот не се ни мрдна - само ја проследи со главата колата како го одминува, со поглед потценувачки ако не и пцувачки, па дури и не затупка со копитата по асфалтот.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Под рака се чувствува косата рамнина и меката патина на покривите, нежните пори на асфалтот, високо исправените опаши на мачорите. ’Дррр-вооо’, изговараш галејќи ја распуканата кора на јаболкницата во дворот, восхитувајќи се на совршеното разгранување на растението и на неговиот еквивалент во зборот.
„Сонце во тегла“ од Илина Јакимовска (2009)
Патот, што сѐ уште мириса на недамна послан асфалт, прекршуван со острите кривини, змиулесто води пругоре.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Патот е стар, сега проширен и под асфалт, ги памети времињата на турското владеење и тогаш беше, а и сега е пат кој ја држи врската Лерин – Корча и натаму сѐ до Драч и преку него по море до Италија и од таму кон широкиот свет.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
И така, откако ги погодив сите раскопани сегменти на асфалтот (бидејќи, знаете во Скопје не се градеше волку ни после земјотресот, и нееее, не ми беше намерата со ова да го пофалам сегашниот градоначалник), по синдромот на Кнез Мишкин, кога пазите нешто да не нацапате, неизбежно го нацапувате, или да ја преформулирам реченицава за да звучи пооптимистички: ... и така, испречувајќи им се на патот на неколку веќепостоечки вирчиња со вода или можеби беше масло од автомобили, не знам, кои одамна си беа заземале место на паркингот пред канцеларијата, конечно, стигнав на работа.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
„Не скршнувај од асфалтот, можеш да зацапаш во локвата“, е еден од честите другарски совети на мојот пријател.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Дво и трокатни куќи, градени со делкан камен, бели фасади, сите куќи поврзани со електрични и телефонски жици, бензинска пумпа, кафеани, аптека, улиците под асфалт, градинка, основно училиште и гимназија, многу патнички коли, трактори, комбајни.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Може да се допре со прсти и она што не постои, иако место злато, изложено на завитканите во кадифе витрини, зјае голиот асфалт.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Градот е убиец, градот е жртва во градот на асфалтот се пролева крвта стемнети муцки со дебели ланци со вишок на мускули, а шуплива црпка Секој втор млад е социопат да стигнеш до успех биди ти гад таксисти по улици со завршен факс и револуцијата влезе во климакс Бледи лица со насмевки тажни лица со брчки, осамени дами мочли со џипови глумат џет сет со луксузен стан заработен в кревет Крстот свети во темните ноќи од премногу пороци светат и очи и сите тука се сметаат за светци се вртат во гроб и нашите претци
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Повеќе
FlexiMac
 менување на македонски глаголи